Проектот „Дигитална библиотека“ е создаден на иницијатива на Одделот за дигитализација и издавачка дејност во Градската библиотека, кој долги години спроведува активности поврзани со дигитализација и ги става на располагање библиотечните ресурси во електронска форма.

Потребата од реализација на Проектот „Дигитална библиотека за промовирање и приказ на дигиталната колекција на библиотеката“  се зголеми во несаканите времиња на пандемија кога физичкиот пристап до институцијата библиотека е ограничен и изнајмувањето на книги сеуште не е целосно регулиран според новите протоколи за работа на библиотеките. Отворен пристап до колекциите на библиотеката во дигитална форма е најпотребно сега, но и за идниот несигурен период. Оn-line услугите се дел од библиотечното работење во секоја современа библиотека во светот и преку оваа платформа и Градската библиотека ги прифаќа новите трендови во библиотечното работење.

Спроведувањето на проектот ќе овозможи значителен квантитативен и квалитативен напредок во далечинскиот пристап преку Интернет до највредните и најстари литературни ресурси. Сите објекти избрани за проектот припаѓаат на јавниот домен, што овозможува нивно неограничено користење за научни, образовни, уметнички и комерцијални цели. Процесот на дигитализација опфаќа дела од роднокрајни автори, документи од фото, картографски и музички колекции, разгледници, постери од значајни настани од Скопје, како и весници, списанија, ракописи, стари отпечатени книги од 16 до 20 век. Некои од нив подлежат на посебна заштита од причини за зачувување и не се достапни на дневна основа. Тие вклучуваат, меѓу другите примерок од „Басните“ на Езоп, Aesopi Phrygis fabulae, elegantissimis iconibus veras animalium species ad viuum adumbrantes, Ioannis Pofthij Germershemij Tetraftichis illustratae : cum praefatione et aliqvot, отпечатено во 1566 година, арапски и старо-турски ракописи, гравури, цртежи, фотографии, мапи. Најнов проект е дигитализација на фотографии од земјотресно и постземјотресно Скопје од фондот на библиотеката, за кои се издаде и „Фотомонографијата за Скопје 1963-1990“.

Проектот е поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија и Градоначалникот и Советот на Град Скопје и е дел од Програмата за развој на култура.

Следната фаза предвидува основање на „Агрегатор на мета податоци на дигитализираните колекции од библиотеките во Македонија“ со што ќе се прошири платформата со нови примероци од сите библиотеки кои имаат дигитализиран материјал и понудата за читателите ќе биде разновидна, а меѓубиблиотечната размена проширена.